Со недели се обидува, но не успева синот роден во Италија да го запише во Матичната книга на родени во Северна Македонија. Дури поради одолговлекување на постапката, Назуф Заимовски, ризикува да ја изгуби работата во Италија.
-Им ги однесов сите потребни документи од Италија, но не ги прифатија, велат дека не се сите и дека треба да донесам уште-вели Заимовски.
Сето ова се случува во Подрачното одделение на Управата за водење матични книги во Драчево, од каде велат дека недостига оригиналниот извод.
-Упис на дете родено во странство согласно член 25 став 2 од законот за матична евиденција се врши врз основа на оригинал странска исправа издадена од органот (матичната служба) каде е евидентирано раѓањето на детето. Во конкретниот случај родителите на детето поднеле Потврда за раѓање на детето, но не и извод од матична книга на родените-велат од Управата за матични книги.
Но, Заимовски настојува дека сега ги завршил сите процедури исто како кога го запишувал и првото дете, но како што објаснува, италијанските власти не му даваат други документи, со образложение дека само овие му се потребни.
-Кога го запишував првото дете со овие документи го запишав. Јас повторно се јавив во Италија и ми река дека само тие се, дека нема други, дека не можат да ми издадат други документи-вели Заимовски.
Освен тоа, Заимовски вели дека му бараат и превод на изводот, нешто што не е неопходно.
-Бараат и превод на овој извод…
Ова е објаснето на веб-страницата на Министерството за надворешни работи, во делот каде се наведува кои се потребните документи за упис на децата родени во странство чии родители се државјани на РСМ.
-Превод на изводот заверен на македонски јазик не треба доколку земјата е членка на Виенската конвенција, пишува на веб-страницата на министерството-велат од МВР.
Дека Италија и Македонија се дел од Конвенцијата, може да се потврди многу лесно – со само еден клик на интернет.
Се објаснува дека земјите-членки се обврзани да издаваат повеќејазични документи и да примаат од другите земји, третирајќи ги не поинаку од национални.
Од Управата за водење матични книги велат дека доставениот извод вообичаено не треба да се преведе, но доколку во истиот има букви кои ги нема во кириличното писмо, тогаш потребно е да се направи превод на документот. Објаснуваат дека во случај ако родителот донесе извод од матична книга на родените издаден за внатрешна употреба, тогаш задолжително треба и апостил печат на истиот.
