1 000 тони фрлена сол и 18 возила на терен за расчистување на снегот од мостовите, клучките, надвозниците, подвозниците и „црните точки“ во општините Железара, Кисела Вода и Ѓорче Петров во Скопје.
Вака се справувала изминатото деноноќие зимската служба на Град Скопје со снежната покривка. Тие објаснуваат дека индустриската сол има ефект до -7 степени. Но, и покрај тоа булеварите во Скопје утрово беа покриени со снег и сообраќајот беше отежнат.
„Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите се во надлежност на општините и тие што се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни и станбени објекти“, посочи Ваљон Салиу.
Снежните врнежи ќе престанат во попладневните часови со исклучок на јужните делови од земјава. Пораст на температурите можеме да очекуваме од четврок велат од УХМР.
„ Утре следува стабилно и мошне студено време со потпросечни температури за овој период од годината и со умерен до засилен северен ветер. Утринските температури ќе бидат од- 10-тиот степен, па наместа ќе се спушат и до -15-тиот степен“, истакна Јулијана Фиданоска Мишкоска.
Од АМСМ препорачуваат да не се патува поради опасност од голомразица освен ако е неодложно се до среда.
„Возачите треба да обрнат внимание на превоите, Ѓавато, Пресека, Тетово – Попова Шапка , патот Дебар- Струга, Крива Паланка-Деве Баир, граничниот премин Ќафасан кон Струга, на Стража се уште траат забраните за тешки товарни возила, додека за патничките возила е препорачливо зимска опрема за возилата“, посочи Ружица Стојкоска.
На поширокото подрачје на Скопје се регистрирани 14 незгоди, само со материјална штета и три со полесни повреди информираат од МВР.
„10-тина минути после полноќ на магистралниот пат Гостивар -Кичево се случила сообраќајна незгода со една жртва кога патничко возила излета од патот“, вели Сузана Праниќ.
„Имаше во тетовското подрачје уште една сообраќајна незгода, меѓу кои едниот возач е со тешки телесни повреди, а другиот возач и сопатник се со полесни повреди“, додава Сузана Праниќ.
Од МВР апелираат да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, да се вози со прилагодена брзина на патот и задолжително зимска опрема.
