Министерот за правда Кренар Лога за првпат пред медиумите зборуваше зошто не ги потпишал предлог-измените на новиот Кривичен законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба и се скратува застарувањето на делата. Лога објасни дека кога неговиот заменик ги потпишал измените бил надвор од државата, но сепак тврди дека не се согласува со направените измени.
Лога најави дека се подготвува нов Кривичен законик. Тој не посочи кој е дел од работната група што ќе работи на новиот закон, но рече дека во членот за злоупотреба на службената положба ќе има решение според европски стандарди, нешто меѓу стариот Кривичен законик и новите измени.
„Во новиот Кривичен законик ќе има и други прекршоци кои ќе бидат прецизирани со злоупотреба на службената должност и други прекршоци од одговорност на избрани и именувани лица. Се разговара и верувам дека ќе треба да се врати висината на казните според стандардите на ЕУ, кои се меѓу тоа што беше стариот Кривичен законик и новите измени“, вели Кренар Лога.
Во меѓувреме, премиерот Димитар Ковачевски неколку пати повтори дека измената на Кривичниот законик е направена за усогласување на законот со европското законодавство, но од друга страна имаше критики од европскиот амбасадор во земјава, Давид Гир.
