Интерпелацијата за претседателот на Собранието е анти-НАТО експертимент. Ова е ставот на коалицијата ВРЕДИ кој се стави во одбрана на собранискиот спикер Африм Гаши откако вчера Левица му поднесе барање за интерпелација. Од оваа коалиција велат дека по инцидентот што се случи на аеродромот, кога Гаши го испрати своето обезбедување за инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи, се креирала хистерија во јавноста.
„На фанфари се бара политичка одговорност. Се прави конструкција со обезбедувањето на претседателот на Собранието. Левица е подносител на интерпелацијата, СДСМ е поддржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор. ДУИ до толку е исплашен од тоа што следи што е подготвен да се координира и со Левица само да не се зборува за криминалот на нивните поранешни функционери“, велат од Вреди.
Но, од СДСМ и натаму бараат одговорност за Гаши. Според нив Мицкоски замижал пред кршењето на законите на собранискиот спикер и со тоа ги погазил ветувањата дека секој функционер кој ќе се огреши ќе одговара.
„Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање. Ниту СДСМ ниту било кој друг не напиша јасно во полицискиот извештај дека е издадена „незаконска наредба од страна на претседателот на Собранието“. Треба ли поголем доказ од ова? Го повикуваме Мицкоски да се одважи и да го смени Гаши. Само така ќе докаже дека стои на својот збор за одговорност на политичарите, во спротивно му порачуваме да замолчи засекогаш на оваа тема“, велат од СДСМ.
На обвинувањата одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека одговорноста веќе е лоцирана, алудирајќи на шефот на обезбедувањето на Гаши и како што велат, реакциите на опозицијата се само собирање политички поени.
„Одговорноста веќе е лоцирана и институциите како никогаш до сега, преземаа итни мерки. Сега граѓаните сведочат дека има кривични пријави за разлика од минатото. Ние докажавме дека држава има и дека законите мора да важат подеднакво за сите. Обидите на СДС, ДУИ и Левица да земат некои политички поени на оваа тема не не` изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина“, вели Марија Митева.
Вчера од кабинетот на косовската претседателка Османи преку соопштение наведоа дека за нив е за жалење начинот на кој бил разрешен инцидентот на скопскиот аеродром по заедничката прес конференција на Мицкоски и Курти и дека, како што се истакнува, тоа уште повеќе придонесло за пропагандата против Косово.
