Во текот на оваа недела повторно ќе бидат евакуирани македонски граѓани од земјите во Блискиот Исток, откако вчера 151 лице беа пренесени во земјава меѓу кои имаше и странски државјани. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека засега во Дубаи се наоѓаат уште 430 македонски граѓани а посебен лет ќе биде организиран и од другите држави. Предност, рече тој имаат мајки со деца, како и оние кои таму немаат постојан престој, односно таму биле туристички.
„Во моментов во оваа земја се евидентирани уште околу 430 македонски државјани а во текот на оваа недела од Дубаи се планирани уште два лета. Во Доха се евидентирани 162 лица од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација. Во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15 а во Кралството Саудиска Арабија 5 лица. За нив е предвиден организиран транспорт до Ријад како централна точка за собирање по што во текот на оваа недела ќе следува директен лет“, вели Тимчо Муцунски.
Муцунски забележа дека околу 14 лица кои требале да дојдат во земјава со вчерашниот лет не дошле на аеродромот. За да се искористи целосниот капацитет на летот во последен момент преку конзуларното претставништво биле повикани други наши граѓани кои чекале нивно префрлање во земјава.
„Тоа е неодговорен пристап пред се бидејќи се работи за безбедност на граѓани, има други граѓани кои што чекаат. Затоа апелирам до нашите граѓани сите кои што бараат евакуација а кои што до сега не не` контактирале во најбрз можен термин да ги контактираат нашите дипломатско-конзуларни претставништва а доколку некој и се предомисли и тоа е легитимно право доколку одлучете да останете во тие држави, исто така навремено да не информира“, рече Тимчо Муцунски.
Вчера на скопскиот аеродром пристигна групата македонски државјани кои се евакуираа од Дубаи, дел од нив биле во туристичка посета.
„Бевме во еднонеделна посета, првиот ден кога стигнавме започна ситуацијата. Прилично безбедно беше таму, меѓутоа, се разбира непријатно, особено кога си во туристичка посета заедно со деца“.
„Планирав да поседам некое време во Абу Даби и во меѓувреме почна бомбардирањето и сите работи што се случуваат. Се организиравме преку амбасадата, ги контактиравме во амбасадата, не внесоа во евиденција не побараа за кога имаше организиран лет и така еве сега среќни сме, стигнавме тука“.
„Бевме во Дубаи сместени на марината. Ситуацијата беше и така и така, мислам кој не е научен на тоа опасно беше“.
Пренесувањето на македонските граѓани од кризните подрачја во Блискиот Исток, како што информираше министерот Муцунски е бесплатна, бидејќи како што истакна во вакви ситуации институциите имаат обврска да помогнат.
