Посветеноста кон Европската Унија не треба да се мери по големината на националните отстапки, порача шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Тој беше прашан дали еврокомесарката Марта Кос зборувала со политичарите во земјава по средбите кои таа ги имаше со државниот врв во Софија, како и дали Бугарија во меѓувреме ги омекнала ставовите.
„Некогаш кога ги држиме одредени информации доверливи овозможуваме поголем простор за успешност и напредок.“, вели Муцунски.
Според него, Македонија постојано води и иницира дијалог за блокадата, бидејќи, како што додава Муцунски, ако дијалогот од наша страна застане тогаш би биле соучесници во кочницата. Сепак, дијалог за политичките прашања со новата бугарска Влада засега не се очекува, бидејќи двете страни не можат да се договорат ниту за средба за Коридорот 8.

„Веќе подолг период работиме, за жал без позитивен фидбек од страна на Бугарија, за организирање на заедничка средба помеѓу мене, нашиот министер за транспорт Николоски и министерката за финансии Димитриеска Кочоска, заедно со нашите тројца колеги од бугарска страна.“, изјави Муцунски.
Муцунски, кој беше домаќин на црногорскиот колега Ервин Ибрахимовиќ, истакна и дека псотојат дестабилизирачки сили во неколку земји од регионот, додека Ибрахимоќ нагласи дека не може да се зборува за безбедност до целосна интеграција на регионот.

„После руската агресија на Украина, на Западен Балкан и претходно знаевме за значењето на тоа земјите од Западен Балкан да бидат дел од европското семејство. Денес и за светот и за ЕУ е јасно дека со руската агресија на Украина на Европа и требаат земјите од Западен Балкан, имаме ресурси.“, рече Ервин Ибрахимовиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора.

Ибрахимовиќ потенцира дека секој ден може да се смета за изгубен ако не е посветен на интеграцијата во ЕУ. Тој се пофали дека Црна Гора е предводник во регионот и смета дека е реална и достижна целта за проширување на Унијата во 2030 година со сите земји од регионот.
