„Нема како папагал да повторувам Северна“ – Мицкоски: Формално ќе го почитувам Преспанскиот договор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Идниот премиер Христијан Мицкоски најави дека формално ќе го почитува Преспанскиот договор, прашан за можноста за ново грчко вето. Мицкоски додаде дека нема намера, како што вели, да се однесува талибански и не очекува тоа да го прават и другите, без да прецизира на кого мисли. Мицкоски повтори дека Преспанскиот договор е дел од Уставот.

„Не можете вие да барате да се почитуваат законите и Уставот, а од друга страна вие да ги кршите.“

Сепак, вели дека е негово лично право да го користи терминот „Македонија“.

„Кај мене нема да видите во периодот којшто следува да ја повторувам како папагал придавката.“

Во телевизиско интервју, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повтори дека очекува од Мицкоски јасно да каже дека ќе го почитува Договорот. Водно, Мицотакис најави дека Мицкоски непријатно ќе биде изненаден на Самитот на НАТО, каде ќе го покренел прашањето за Договорот.

„Основното достигнување е едно име за севкупна употреба – ерга омнес. Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули.“, вели Киријакос Мицотакис.

„Луѓето што ме познаваат, знаат дека така лесно не се изненадувам, ниту пријатно, ниту непријатно.“, вели Христијан Мицкоски.

Мицкоски истакна дека ќе биде подготвен за, како што вели, добро да ги аргументира позициите на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули.

Инаку, Мицотакис одново нагласи дека нашиот пат кон Европската Унија минува низ Грција, но се надева дека ќе преовладеела логиката. Претходно и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир порача да се работи на спроведување на Преспанскиот договор, бидејќи, како што додаде, тоа е од огромно значење на Европската Унија.