Нема најави за стабилна Влада во Софија, Муртезани вели сега е време да се работи на решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема најави од политичките лидери во Бугарија дека наскоро ќе состават Влада. Не се започнати ниту официјални преговори меѓу партиите и се чека да биде конституиран новиот Парламент. Сепак, очекувањата на јавноста се вперени во можноста за коалиција на двете најголеми партии – ГЕРБ на Бојко Борисов и „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков. Но, од партијата на Петков истакнаа дека нивен услов е Борисов да не биде премиер.

-Премиер да биде Борисов е смешка… ајде да си ги кажеме работите, изјави Асен Василев – „Продолжуваме со промената“.

Новинар: Зошто да е смешка? Тој е победникот на овие избори.

-Е па тогаш нека си обезбеди мнозинство, изјави Асен Василев – „Продолжуваме со промената“.

Во меѓувреме, домашните власти не откриваат дали имаат план Б ако во Бугарија не се состави стабилна политичка Влада, со која би се разговарало за деблокада на евроинтегративниот процес.

„Тоа што е битно во моментот е дека се што требаше да се каже е кажано и сега е време да се работи на изнаоѓање на решение“, изјави министерот за Европски прашања, Орхан Муртезани.

Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, на прашањето дали за Брисел се прифатливи уставни измени со одложена примена, одговори дека не би шпекулирал со хипотези. Тој повтори дека Македонија се обврзала дека ќе го смени Уставот за да напредува на патот кон Унијата.

„Со цел да напредува во преговарачкиот процес, Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени, за вклучување во Уставот на граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите – и за тоа се обврза дека ќе го постигне“, вели Михалис Рокас, шеф на Мисија на ЕУ.

Рокас нагласи дека цел на Европската Унија е да се отворат преговарачките кластери со земјава што е можно поскоро.