Брзо поминавме на онлајн настава и истата не беше унифицирана. Недостигаше и стратешки пристап и технолошка апаратура за нејзина реализација. Ова се некои од недостатоците на онлајн наставата кои ги детектираше истражувањето “Социјалните и економски ефекти на Ковид-19 врз децата на Северна Македонија“ во реализација на УНИЦЕФ и УСАИД.
Во истражувањето е оценето дека најголеми последици почувствуваа децата од ромската заедница поради нискиот економски статут и децата со посебни потреба поради недостигот на апаратура и лични асистенти. Онлајн наставата влијаеше и од социјален аспект.
“Пандемијата предизвикана од глобалното ширење на коронавирусот Ковид-19 ѝ наштети на социјалната, едукативната и здравствената благосостојба на децата, при што најранливите се најтешко погодени. Децата се директно погодени, преку затворање на училиштата, затворање на воннаставните активности и установи за згрижување на деца, социјалното дистанцирање и изолирање, што носи товар врз нивниот едукативен, когнитивен и емотивен развој, со ризик да ги зголемат нивоата на вознемиреност и стрес”.
Дека онлајн наставата имаше недостатоци и затоа се преферира од септември да се реализира настава со физичко присуство во училиштата, оцени и заменик министерката за образование, Елизабета Наумовска. Таа предлага секое училиште да користи унифицирана платформа и наставните единици да не се праќаат веќе преку Вибер и Месиџер.
За тоа, МОН ја разгледува можноста наставата од септември да се одвива со физичко присуство на учениците во училиштата, почитувајќи ги мерките против Ковид-19 за носење маска и почитување физичко растојание. Наставниот час ќе трае 20 минути, а во една паралелка ќе има најмногу 15 ученици.
