Отворени критики и јасни пораки за состојбата со борбата со корупцијата во земјава испрати заменик шефот на мисијата на САД Ерик Меер. Дали поттикнат од најавената црна листа на која работеше американскиот тим за санкции, тој рече дека сите политичари кои се корумпирани треба да одговараат и дека американската влада има алатки за да го направи тоа.
„Амбасадата на САД беше искрена и отворена во врска со предизвиците и недостатоците, има многу такви во оваа земја. Странските амбасади не се домашни власти и ние не сме органи за спроведување на законот. Ние ќе направиме се што е можно за корумпираните актери да одговараат“, додаде Ерик Меер.
Избраните функционери мора да се борат за своите гласачи а не за сопствениот интерес, истакна натаму Меер, но особено беше директен и критички настроен за состојбата во судството за кое потсети и на ниското ниво на доверба што го имаат граѓаните во судскиот систем.
„Институциите и судството мора да функционираат независно и транспарентно а засега тоа не го прават. Се работи за нешто подлабоко, јас тука зборувам за вистински реформи кои што одат подалеку од едноставна промена на закони. Вистинските реформи значат промена на културата. Треба да почне да се работи во име на граѓаните на Северна Македонија. Ние немаме видено некаква таква вистинска искрена заложба“, вели Ерик Меер.
Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска рече дека корупцијата го поткопува системот, а особено ја урива доверба во судството.
„Независноста на судството што ја гарантира Уставот, независноста и на други институции што ги гарантира Уставот не е привилегија и ниту треба да биде сфатено како привилегија, ниту пак треба да биде сфатено како изговор за самоволно однесување. Силно се залагам за унапредување на транспарентноста на сите полиња особено и во правосудниот систем бидејќи само на тој начин ќе ја зголемиме одговорноста и отчетноста пред граѓаните“, вели Славица Грковска.
За состојбата со корупцијата вчера станало збор и на вчерашната средба на високиот советник на Стејт департментот Дерек Шоле со премиерот Димитар Ковачевски. Според претседателот Стево Пендаровски, државава има неспорен напредок во борбата против корупцијата, скок од 24 места според Транспаренси интернешенел, но додава дека тоа не е доволно според европските стандарди.
