Неовластено изнесување информации, нарушување на угледот на Јавното обвинителство – денеска во Собрание предлогот за разрешување на Коцевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието денеска треба да ја одржи 76. седница, на чиј дневен ред е Предлог за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Собраниската седница е закажана за 11 часот, а разрешувањето на обвинителот Коцевски е втора точка на дневниот ред.

Иницијативата или предлогот за разрешување на републичкиот обвинител доаѓа од страна на Владата. Постапката беше започната одамна, но поради законските ограничувања, односно поради изборниот процес, а претходно и поради трагедијата во Кочани, истата беше прекината.

Одлуката за покренување на постапка за негово разрешување беше донесена на владина седница на 9-ти декември. Портпаролката на Владата во образложението на одлуката потенцираше дека таа се носи поради неколку клучни точки.

-Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство. Неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја поврдил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед. Не постапувајќи согласно обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот, изјави тогаш Митева, која притоа додаде:

-Како последица на сторените повреди по изминатиот период, евидентна е нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата, согласно членот 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршување на функциите на Јавното обвинителство. Постапувајќи на овој начин јавниот обвинител Љупчо Коцевски, флагрантно ја повреди должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за јавно обвинителство.

Од друга страна, премиерот Мицкоски, во неговото последно јавно појавување, поточно во гостувањето на дневникот на Сител ТВ изјави дека новиот обвинител мора да биде професионалец и да се бори за правдата.

-Одлуката за разрешување на државниот јавен обвинител не е само политичка, иако е логично да е политичка одлука. Ние ја водиме владата и дадовме шанса година и половина, како ниедна влада во минатото, на наследен Јавен обвинител му оставивме година и половина да се размавне со неговиот тим. Ги видовме резултатите какви се, и логично е, не сме задоволни и влегуваме во процес да бараме Јавен обвинител од којшто очекуваме многу повеќе, посочи премиерот Мицкоски, охрабрувајќи ги сите коишто се чувствуваат компетентни да се пријават за нов Јавен обвинител.