Невремето однесе 16 животи во Доминиканската Република и на Хаити

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обилните дождови одзедоа најмалку 16 животи во Доминиканската Република и Хаити, според денешните извештаи од цивилната заштита и локалните медиуми.

Повикувајќи се на локалните медиуми, Ројтерс објави дека најмалку 12 лица загинале во поплавите што погодија неколку заедници во северниот дел на Хаити.

Локалниот портал „Листин Диарио“ објави дека во Доминиканската Република, која го дели карипскиот остров Хиспаниола со Хаити, загинале четири лица, од кои некои биле однесени од надојдените реки, а едно бебе починало во куќа кога врз него се урнал ѕид.

Доминиканските власти во понеделник соопштија дека повеќе од 30.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови и дека се очекува дождовите да се интензивираат во текот на викендот. На блиската американска територија Порторико, властите ги повикаа жителите да ги избегнуваат поплавените автопати бидејќи не се очекува дождовите да престанат.