Независната пратеничка група до Мицкоски: Се советувате со луѓе кои на нашата партија не и мислат ништо добро

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија реагираше на прес конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и истакна дека со неверување и разочарување ја проследиле неговиот говор.

„Вие очигледно се советувате со луѓе кои на нашата партија не и мислат ништо добро. Наместо да ни честитате на заложбите за нашата партија, да покажете лидерство и обединувачки капацитет Вие, со една изјава избравте да ги омаловажите истите оние кои Ве донесоа на позицијата Претседател на ВМРО ДПМНЕ, да ги пуштите по вода оние кои неуморно Ве бранат во Собрание, и покажавте дека човечките судбини ви се целосно неважни“, посочуваат тие.

Тие додаваат дека после оваа изјава која ги изненадила сите кои верувале дека нема таква намера, време е да и даде шанса на партијата да се врати на патот во интерес на граѓаните и цврсто да стои За евроатланска интеграција на татковината.

„Колеги пратеници, вклучете се со конкретни и конструктивни предлози за да го подобриме ова решение за законот за ЈО, бидејќи очигледно на некого личните амбиции му се поважни од жртвите по пат до тие амбиции. Ваквите политики се на штета на нашата ВМРО ДПМНЕ, која веруваме знаете дека е повеќе од една личност. Таа е идеја за национално единство и евроатлантски интеграции. Вашите одлуки носете ги во тој дух“, порачуваат тие.