Никола Груевски доби ослободителна пресуда за случајот „Талир 2“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот премиер Никола Груевски е ослободен од обвинението во случајот „Талир 2“, кој се однесуваше на пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на луксузното партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата одлука ја соопшти Основниот кривичен суд Скопје, од каде што директно посочија дека ослободителната пресуда е директен резултат на контроверзните измени на Кривичниот законик (КЗ) од 2023 година.

Судијката Даниела Алексовска, при објавувањето на пресудата, појасни дека судот морал да ги земе предвид законските измени во кривичниот законик 2023 година, кои биле во директна корист на обвинетиот. Иако овие измени наложија прецизирање на обвинението, обвинителството не понуди нови докази.

„Иако беа направени измени на обвинението, промени во доказите и фактите изнесени пред судот немаше. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, изјави судијката Алексовска.

Одлуката на Кривичниот суд практично го потврдува претходниот став на Апелација. Судијката испрати невообичаено директна порака до пошироката јавност, потенцирајќи дека судот не ги променил своите заклучоци за тоа што навистина се случило, туку дека рацете му се врзани од новиот закон.

Со оваа пресуда, судот сакаше да испрати порака дека останува конзистентен во анализата на доказите и дека одлуките ги темели исклучиво на позитивните правни прописи, кои во овој случај го спасија поранешниот премиер од одговорност за случајот „Талир 2“.

На објавата во судницата во Основниот кривичен суд Скопје присутни беа адвокатите по службена должност на екс-премиерот Никола Груевски, Петар Тимовски и на ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Маневска, како и претставникот на партијата, адвокатката Љубица Николовска.

Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата, а Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.