Николоски заминува за Лондон – за почеток ќе се побараат околу 2,2 милијарди евра за проекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во четврток вицепремиерот Александар Николоски во Лондон ќе го потпише договорот со британските власти, со кој на земјава ќе и бидат на располагање шест милијарди евра за инвестициски проекти. За почеток, ќе се трошат нешто над две милијарди евра.

„Изградбата на пругата од Табановце до Гевгелија треба да чини некаде околу милијарда и 900 милиони до две милијарди евра, додека изградбата на Клиничката болница во Штип, Медицинскиот факултет во Штип, студентскиот дом во Штип, целосната реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградбата на нова болница со нов Здравствен дом во Кичево… значи тоа се пет проекти, би требало да чинат околу 200 милиони евра“, изјави министерот за транспорт, Александар Николоски.

Николоски не сподели детали за каматната стапка, но зборуваше за грејс периодот. Парите ќе започнеме да ги враќаме, кога проектите ќе бидат завршени.

„Доколку ни треба за проектот да го завршиме пет години и грејс периодот да биде пет години, како би… кога би се ставил проектот во функција, тој проект ќе почне да носи пари или во делот на здравството бенефит и подобра здравствена заштита… тогаш да започнеме да исплаќаме рати“, изјави министерот за транспорт, Александар Николоски.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски одговори на критиките на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека потегот е економски сомнителен и политички антиевропски.

„Најмногу се чудев кога вчера коментарот беше од таму дека се задолжуваме за капитални инвестиции“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, Николоски за Лондон ќе замине со вицепремиерот Изет Меџити и министерката за образование Весна Јаневска. Тој оцени дека денот ќе биде историски и станува збор за средства кои не можат да се обезбедат од ниту една финансиска институција. Според Николоски, Обединетото Кралство е клучен западен сојузник и не станува збор за руски или кинески пари.