Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, изјави дека најавениот поволен кредит од милијарда евра, ветен во предизборието, нема да биде обезбеден од Кина, туку од земја членка на ЕУ и НАТО.
Во своето гостување на ТВ Телма, Николовски истакна дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не планира соработка со Кина или Русија за овој кредит. Тој го оправда овој чекор со зголемените камати на меѓународните кредитори како ММФ и Светска банка, кои сега изнесуваат над 5 отсто, што е исклучително скапо.
Николовски објасни дека за заемот договорен меѓу владите, постојат два основни предуслови:
- Каматата да биде пониска од онаа на меѓународните кредитори, при што изрази надеж дека ќе биде под или околу 3 проценти.
- Да постои пристоен грејс период и период на враќање, што ќе овозможи кредитот да се искористи за развој на државата.
Николовски додаде дека сè уште не е постигнат дефинитивен договор и дека затоа не е објавено ништо конкретно. Тој посочи дека разговорите со една држава се во напредна фаза, но не исклучува можност за појава на други заинтересирани страни.
