Новата влада ќе се гласа идниот викенд – Мицкоски: Го немаме луксузот да не успееме

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Чесни и посветени кадри – вака мандаторот Христијан Мицкоски ги оцени предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри во новата Влада. Тој најави дека идните министри целосно ќе се вложат за реализација на, како што вели, амбициозните зацртани цели.

„Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен – народот.“, рече Мицкоски.

Дел од кандидатите за министри на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи веќе ги најавија приоритетите во своите ресори. Тимчо Муцунски напиша дека министер за надворешни работи и надворешна трговија ќе се залага за цврсти односи со меѓународните партнери и економски развој. Кандидатот за одбрана, Владо Мисајловски најави подобрување на условите во армијата и модернизација. Предлогот за заменик претседател на Владата и министер за транспорт, Александар Николовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја оправда големата доверба добиена од народот. Златко Перински, кој ќе застане на чело на Министерството за локална самоуправа најави поддршка кон општините од централната власт. Министерството за култура и туризам би го предводел актерот Зоран Љутков, според кого вработените во културата ќе бидат повторно горди на својата професија. Мицкоски ги предложи и Панче Тошковски во МВР, Гордана Кочовска Димитриевска во финансии, Сања Божиновска за енергетика, Стефан Андоновски за дигитализација, Борко Ристовски министер за спорт, Цветан Трипуновски за земјоделие, Весна Јаневска за образование, Љупчо Димовски за политички систем, Иван Стоилковиќ за односи меѓу заедниците и Шабан Салиу како министер без ресор задолжен за „декадата на Ромите“.

„Веќе во вторник, заедно со програмата за работа на идната македонска Влада, предлогот ќе дојде во Парламент и очекувам успешна реализација, односно гласање на истата, да заврши во текот на следниот викенд, деновите 22-ри, 23-ти јуни.“, изјави Мицкоски.

Мицкоски најави дека на првата владина седница ќе биде познат и генералниот секретар на Владата кој ќе биде кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој кажа и дека привршуваат разговорите со коалицијата „Вреди“ и Движењето „ЗНАМ“ за кадрите од вториот и третиот ешалон. Инаку, веќе е познато дека од „Вреди“ за министер за здравство е предложен Арбен Таравари, за прв вицепремиер и министер за екологија Изет Меџити, за европски прашања Орхан Муртезани, за економија и труд Бесар Дурмиши, за социјална политика Фатмир Лимани, а министер задолжен за добро владеење Арбен Фетаи. Од партијата на Максим Димитриевски предлог за министер за правда е Игор Филков, а за администрација Горан Минчев.