Новата Влада утре ќе ја претстави првата голема инвестиција: „Македонскиот ветер ќе донесе нови 100 милиони евра годишно“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Како што објави ТВ21 пред повеќе од три недели, утре Владата предводена од Христијан Мицкоски ќе го промовира ветерниот парк, кој пак е прва голема инвестиција на новата Влада.

Проектот за ветерен парк на вредност од неколку стотици милиони евра ќе се изгради во источниот дел на Македонија. Со ветерен парк планиран да се простира на тромеѓето меѓу општините Карбинци, Штип и Радовиш, а инвестицијата се проценува меѓу 400 и 450 милиони евра, а инвеститорот ќе биде претставен на утрешниот заеднички настан.

Премиерот Мицкоски истакна дека овој проект е значаен чекор напред во енергетскиот сектор на државата.

„Паркот ќе биде изграден на тромеѓето меѓу општините Карбинци, Штип и Радовиш и ќе има вредност меѓу 400 и 450 милиони евра. Утре ќе го видите инвеститорот, ќе имаме заеднички настан. Тоа претставува значаен проект во делот на енергетското портфолио не само на овој крај, туку и на државата во целост, кој значително ќе го подобри перформансот на енергетските капацитети на државата. Значајно е дека за овој проект нема специјален закон, ниту загарантирана цена, туку инвеститор којшто ќе инвестира и производот ќе го пласира на слободниот пазар и тој пазар ќе диктира дали ќе биде за извоз или ќе заврши овде во Македонија. Она што е многу важно, за граѓаните и БДП ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно. Значи, македонскиот ветер ќе донесе нови 100 милиони евра на годишно ниво и вакви проекти ќе има низ целата територија на државата“

изјави премиерот Мицкоски за време на денешната посета на Штип каде присуствуваше на поставување камен-темелник на нова спортска сала.

За поддршка на проектот, зад инвестицијата стои „Алказар енерџи“, одржлив инфраструктурен фонд базиран во Луксембург, со советодавен тим во Дубаи. Фондот, чие раководство го спроведува соосновачот Даниел Калдерон, е специјализиран за проекти со обновлива енергија на развојните пазари во Европа и Турција.

Предвидено е утре официјално да се одржи промоцијата на инвестицијата, каде првиот човек на „Алказар енерџи“ ќе го претстави проектот, што ќе претставува значаен напредок за македонската енергетска инфраструктура и поддршка на обновливите извори на енергија.