Нови анкети: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и натаму во убедливо водство пред СДСМ и Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Разликите во процентите на поддршка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и меѓу нивните лидери, Христијан Мицкоски и Венко Филипче се големи, покажува последната анкета на MKD.mk, спроведена од агенцијата „Маркет вижн“ во периодот од 11 до 27 септември, на примерок од 1.200 испитаници.

На прашањето „За која политичка партија ќе гласате на следните избори?“, 19,3 отсто одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 5,6 отсто за СДСМ, додека поддршката за ДУИ и ВЛЕН е еднаква и изнесува по 4,2 отсто.

41 отсто од испитаниците изјавиле дека нема да излезат да гласаат, не знаат дали ќе гласаат или не сакаат да одговорат на ова прашање.

Меѓу испитаниците кои се изјасниле за која политичка партија ќе гласаат, 4 отсто би гласале за Левица, а 1 отсто за ЗНАМ.

И кај политичките лидери, довербата во Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ (20,4 отсто), е значително поголема од довербата во Венко Филипче, претседател на СДСМ (3,8 отсто).

Дури 44,1 отсто од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичките партии, додека 12,5 отсто не сакаат да одговорат на ова прашање.

Довербата во Али Ахмети изнесува 3,7 отсто, во Димитар Апасиев 3,4 отсто, а во Изет Меџити 2,6 отсто. Лидерите на новата политичка партија ВЛЕН, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, имаат поголема поддршка од лидерот на опозициската ДУИ.

И анкетата спроведена во јуни покажа изразена предност на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски во однос на опозициската СДСМ.

Анкетата е спроведена со методот CATI – телефонско анкетирање, на примерок од 1.200 испитаници (маргина на статистичка грешка: 3 отсто; интервал на доверба: 95 отсто). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија, според регионот, полот, возраста и етничката припадност, во согласност со податоците за резидентното население од пописот во 2021 година.