Новоформираните сојузи без нови членки – Димитровски: Алијансите на Балканот може да се опасни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новоформираните сојузи за воена соработка на Балканот, засега остануваат без нови членки. Официјални претставници од Косово, Албанија и Хрватска истакнаа дека поканата е отворена за Бугарија, но од Софија нема потврда за приклучување. Според информациите, овој сојуз е отворен и за Македонија, но државните челници на земјава во јавност ја немаат искоментирано понудата. По формирањето на овој сојуз, сличен договор постигнаа и Унгарија и Србија, а интерес за влез има Република Српска. Единствено заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски јавно ги оцени новите воени соработки на Балканот.

„Сметам дека, како претставник на земја којашто е членка на НАТО, тие би можеле да бидат на некој начин контрапродуктивни.“, вели Димитровски.

Според Димитровски, додека Европската Унија работи на јакнење на одбранбените капацитети, НАТО би требало да остане единствена Алијанса кој гарантира безбедност во регионот.

„НАТО треба да е присутен и е уникатна воена моќ во насока на безбедносни гаранции за Балканот, зашто другите сојузи можат да бидат многу опасни дури и за самата Европската Унија.“, изјави Димитровски.

Димитровски смета двата сојуза меѓусебно не се кооперативни и изјави дека тие нема да проработат, односно дека иницијативите за одбранбена соработка ќе пропаднат.