Обвинителството поднесе обвинителен акт против Жан Митрев и неговата клиника „Жан Митрев“ за измама на пациенти и нивните семејства со методот на хемофилтрација како лек за заразените со Ковид-19. Од Обвинителството велат дека Жан Митрев континуирано го рекламирал и промовирал методот на хемофилтрација пред пациентите и јавноста како алтернатива за закрепнување од коронавирусот, но не им ги кажувал клучните факти за оваа метода, која може дури и да не успее. На овој начин Жан Митрев се стекнал со богатство од близу 1,6 милиони евра или околу 100 милиони денари.
„Делото за кое обвинетиот е обвинет е прикривање на клучни факти во врска со методот на хемофилтрација. Метод кој се прикажувал како што не треба и не се смеел да се прикажува, а тоа создаде конфузија и лажен впечаток кај оштетените за суштината на методот како метод кој е ефикасен во борбата против и на некој начин како алтернатива наспроти класичната медицина. Рекламирањето од страна на обвинетите е многу често преку медиуми, портали и директно со пациенти“, велат од Обвинителство.
Методот на хемофилтрација не требаше да се промовира кај пациенти со Ковид-19, бидејќи овој метод не е одобрен во третманот на оваа болест. Според обвинителството, на ниту еден од пациентите не му бил понуден документ што го потпишале каде што ги прифаќаат последиците што доаѓаат како резултат на оваа метода. Ниту еден друг лекар не бил опфатен во обвинението, ниту пак некоја институција која требало да спречи такво нешто.
„Од денешна перспектива, можеме да зборуваме за многу работи, но кога имаше Ковид-19, беше тешко да се направат бидејќи се водеше битка за секој човечки живот. Не можеме секогаш да го бараме тој дел од одговорноста во ситуацијата кога сите институции работеа барем да ги санираат штетите од пандемијата“, додаваат од ОЈО.
Можната казна за Жан Митрев е 10 години затвор, додека 283 пациенти се измамени, а секој од нив ќе треба да биде обештетен доколку побара такво нешто.
„Се гледаме на суд“ е реакцијата на Клиниката „Жан Митрев“ веднаш по веста дека обвинителството поднело обвинение за измама против Жан Митрев.
„Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО“, порачаа од клиниката.
Од “Жан Митрев“ велат дека клиниката работела според високи здравствени стандарди и согласно методи дозволени за лекување, во нашата земја и светот. Предметот за Жан Митрев е формиран по истражувањето на ИРИ во истражувачкиот документарен филм “Нечиста крв“.
