Обвинение за трагедијата во Кочани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

34 физички лица и три правни се опфатени со предлог-обвинението за трагедијата во Кочани. Обвинителството утврдило дека пиротехниката ја донела музичката група и била нелегално купена, а првообвинети во предметот се сопственикот на Пулс и дел од неговото семејство.

„Поради вградените материјали во објектот кои биле без огноотпорни својства и небезбедните конструктивни зафати почнал стихијно да се шири отворен оган проследен со чад и висока температура во внатрешноста на објектот поради што помеѓу присутните посетители настанало масовно, некотролирано и панично бегање преку единствениот излез за евакуација, кој не бил безбеден“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.

Обвинети се и лицата од фирмата за обезбедување.

„Клубот “Пулс” го обезбедувале без писмен договор, без претходна безбедносна проценка и проверка на сигурносните услови на објектот, опасност и можност за евакуација“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.

Но, одговорност се бара и и од градежните инспектори во Кочани поради состојбата на објектот, бидејќи во целиот период воопшто не извршиле инспекциски надзор по службена должност. Коцевски информира дека дел од обвинението се и градоначалниците на Кочани од 2012-тата година па навака.

„За постоењето и работењето на објектот Клуб Пулс никогаш не ги известиле Дирекцијата заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполнува законските услови за таа намена“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.

За случајот, во обвинителните клупи се очекува да седнат и четворицата директори на Дирекцијата за заштита и спасување.

„Во целиот тој период не донеле одлука за распоредување работник – инспектор за заштита и спасување на Општина Кочани“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.

Од Министерството за економија се опфатени пет државни службеници, еден секретар и двајца поранешни министри. Но, еден од службениците се товари и примање поткуп.

„Во 2019 од првообвинетиот побарал и добил 12.000 денари парична награда кои му биле исплатени на неговата банкарска сметка. Во 2024 година, пак, за поголема имотна корист од 226.000 денари на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци, кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.

За настанот, ќе се гонат и четворица инспектори од Пазарниот инспекторат. Инаку, Коцевски не сакаше да открие за кои лица постапката е запрена поради немање докази, иако претходно биле осомничени. Сите се за товарат за тешки дела против општата сигурност. Коцевски додаде дека се уште се под истрага и сите полицајци кои се приведени, но за нив постапката се води во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Вчера беа дополнително приведени 13 полицајци од Кочани и регионот, кои биле на местото на настанот за спроведување на полициска акција, но, како што додава Коцевски, тие се сомничат дека не ги презеле потребните мерки за заштита на присутните.