Од 66 километри – проблеми има на 23 километри од трасата: Интерконекторот со Грција, уште не почнат заглави во бирократија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште непочната изградбата на интерконекторот за природен гас со Грција, заглави во бирократија и доцнења со пари. Од старт ќе се пролонгира за неколку месеци крајниот рок за изведувачот Рапид Билд кој за 60 милиони евра требаше да го изгради до март 2027 година. Од 66 километри, расчистен е делот на трасата за 43 километри, на останатите околу 23 километри има проблеми.

Имаме некои спорни парцели со експропријација. Имаме на две –три места археологија и имаме десетина километри шуми кои треба да се средат административни работи помеѓу инвеститорот и Национални шуми со договори за да може да се отпочне со сеча на шуми, изјави Тони Каранфиловски, сопственик на „Рапид Билд“.

Имаше некои задоцнувања со исплати и задоцнување ќе има во испорака на цевки. Со тоа ќе се пролонгира динамиката со стартот на заварување на цевки, а со тоа и целокупната градба, односно завршетокот на проектот за неколку месеци, изјави Тони Каранфиловски, сопственик на „Рапид Билд“.

Каранфиловски вели експропријацијата не е решена на 30 до 40 парцели. Доцнела 2 месеци исплатата на авансот од 10 проценти, што пак го пролонгирал процесот на производство и набавката на цевките. Номагас не склучило договори со археолози, ниту со Национални шуми. Покрај 10 километри шуми, има и 3 археолошки локации кои треба да се истражат и ако има подземни објекти или гробници тоа ќе го пролонгира процесот додека целосно не се истражи. Но, според него главен фактор ќе биде исплатата на парите.

Се ќе зависи во текот на градбата дали инвеститорот навремено ќе обезбеди финансиски ресурси за да ги исплаќа фактурите за да може да тече градбата непрекинато, изјави Тони Каранфиловски, сопственик на „Рапид Билд“.

Сега понатаму ни следуваат поголеми исплати како ќе стигаат материјалите, особено цевките за кои што треба да има финансиски ресурси да се сервисираат фактурите на време, што може да доведе до евентуални, ако нема финансиски ресурси, пролонгации, изјави Тони Каранфиловски, сопственик на „Рапид Билд“.

Новиот директор на Номагас, Недим Рама, пак, вели во моментот изградбата оди без некакви поспецифични проблеми. Но, од потпишување на Договорот со Рапид Билд вели имало проблеми со доцнење на исплатата на авансот,сечата на шума долж трасата како и експропријацијата.

Се работи за идните исплати да нема застои и повлекувањето на траншите од кредитот да бидат навремени и да ја следат градбата на проектот. За сеча на шума долж трасата, пред склучување сме на договор со ЈП Национални Шуми за транспорт на дрвната маса, тоа е Владина постапка од околу 3 месеци. Околу експропријацијата – од вкупно 550 парцели, нерешени се останати околу 15 парцели. Проблематичните парцели се најмногу земја на починати сопственици. А во тек е ангажирање на археолози на три локации за археолошко истражување кое би требало да биде завршено за два месеци, вели Недим Рама, директор на Номагас.

Договорот со Рапид Билд беше склучен во мај годинава. Парите,се обезбедени преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции. Ова поврзување со Грција треба да обезбеди гас од повеќе извори. Во моментов само со Бугарија е единствената прекугранична врска што ја има земјава.