Дури и по 100 интервенции за 24 часа има во Брзата помош во Скопје. Милица Бубало раководител на Итната помош при Здравствен дом Скопје, вели дека како последица на топлото време е зголемен бројот на повици на граѓаните кои бараат помош.
Покрај интервенциите, граѓаните постојано бараат и медицински совети како да постапат во овие топли денови, вели Бубало, која дава совет како најдобро да се заштитиме од горештините.
Граѓаните исто така можат да побараат здравствени совети и на линијата 02 15-123 кај „Ало докторе“ или кај матичниот лекар.
Министерството за здравство, исто така, постојано апелира за грижа и заштита на здравјето во текот на топлите денови, додека од Хидрометеоролошкиот завод информираат дека во наредните денови насекаде ќе се активира портокаловото ниво на ризик од високите температури.
Температурите ќе бидат над просекот за овој период од годината и ќе важат препораките за бремените жени кои се ослободуваат од работа и работниците кои работат на отворено.
