Од идната недела започнува вакцинирање на заинтересираните жители во руралните средини во Делчевско.
Ова го најави директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска повикувајки се на препораките кои здравствените работници ги добија од Министерството заздравство, а како резултат на новите вакцини кои пристигнаа во земјава.
Целта како што додаде директорката е да им се излезе во пресрет на луѓето кои досега немаа пристап до интернет за да се пријават, а од друга страна да се озвозможи вакцинација за сите граѓани кои немаа услови да патуваат до Регионалните центри за вакцинација.
-За успешно спроведување на вакцинацијата ќе добиеме доволно вакцини и фрижидерчиња за да може да ја траснпортираме вакцината. Имаме доволно персонал, уште утре ќе направиме распоред, ќе го известиме граѓанството преку месните заедници, матичните лекари и фирмите во кое село кога ќе биде вакцинацијата, така да секој жител кој има желба да се вакцинира ќе може да дојде без оглед дали е пријавен. Новост е тоа што се отвори можност и ние да го пријавиме, така да секој жител ќе биде вакциниран во местото каде живее, без разлика дали тоа е Стамер, Град, Делчево, Разловци и слично, рече Глигоровска.
Досега како што додаде директорката вакцинирани се 3000 граѓани, со извршена ревакцинација на 2000 вакцинирани лица од делчевско.
-После една недела, ќе бидат ревакцинирани и преостанатите 1000 граѓани. Досега вакциниравме со Астра Зенека и Синофарм, како и со Синовак. Знаете дека такви се условите тука, бидејки какви вакцини може да ги одржуваме тука, такви и добиваме. Вакциниравме со Синофарм, сега вакцинираме со Синовак и по потреба ќе добиеме нови вакцини, ќе продолжиме да добиваме нови вакцини, додаде Глигоровска.
Во интерес на можниот четврт бран, Глигоровска додаде дека само вакцината може да спречи нова појава за ширење на новите соеви на ковид-19, поради што апелираше на масовната имунизација и во наредниот период.
