Од понеделник повторно се очекува намалување на акцизите за бензинот и дизелот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата останува посветена на политиките за цените на нафтените деривати, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните, изјави денеска премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.

Коментирајќи ги новите воени тензии во Персискиот Залив меѓу САД и Иран, како и повторното затворање на Ормушкиот Теснец, Мицкоски рече дека повторно се соочуваме со предизвици кои можат да влијаат врз цените на горивата.

„Ние ги предвидовме сите овие работи. Кризна состојба трае до 20 јули. Мислам дека веќе се исполнети условите од понеделник повторно да имаме намалување на акцизите за безоловниот бензин и за дизелот“, изјави Мицкоски.

Според него, најпрво треба денеска да се затворат берзите и да се направи анализа за првите 15 дена.

„Остануваме посветени на оваа политика. Имаме убедливо најниска цена на горивата. Некој ќе каже: ‘Но нашите плати се такви, а во Германија се поинакви’. Да, но цената на горивата се одредува според берзите. Од истото место од каде што купува Германија, купуваме и ние. Немаме некој извор на нафта во нашиот двор за да ги полниме резервоарите на нашите автомобили“, рече Мицкоски.

Тој праша зошто цените на горивата се повисоки во соседните земји.

„Зошто таму е двојно поскапо? Зошто во Албанија е 70 отсто поскапо? Зошто во Грција е речиси двојно поскапо? Зошто во Србија е 50 отсто поскапо? Тоа се политиките на оваа Влада насочени кон подобар животен стандард за граѓаните“, изјави Мицкоски.