Разгледувањето на Извештајот за Македонија е одложено за 24-ти јуни. Предлогот дојде од известувачот за земјава, Томас Вајц, кој беше мета на критики од бугарските колеги европратеници.
Вајц на почетокот на комисиската расправа во Европарламентот истакна дека се воделе интензивни политички дебати за овој извештај, но неговата намера не е да решава билатерален спор.

„Јас целосно стојам зад мојот Извештај. Сите групи беа инволвирани во преговорите, сите групи учествуваа во формирањето на овие компромиси. Ова е Извештај на Европскиот Парламент и Европската Унија за земјата која пристапува, а во случајов тоа е Северна Македонија. Овој Извештај нема намера, не постои, за да решава билатерални прашања помеѓу Бугарија и Северна Македонија.“, вели Томас Вајц
Домашните власти очекуваа Извештајот да биде усвоен, особено зашто Вајц го потенцирал постоењето на засебен македонски идентитет и јазик. Сепак, бугарските европратеници очекуваат истрага за околностите под кои Вајц го напишал Извештајот.
„Навистина верувам дека во овој период раководството на Парламентот ќе го направи неопходното за да ги истражи и да ги провери сите факти и околности во однос на неправилностите кои ги утврдивме во врска со пишувањето на овој Извештај.“, порача Станислав Стојанов.

„Му благодарам за, во овој момент, ова мудро и одговорно решение и повикувам во деновите и неделите кои ги имаме до следната расправа, тој повторно да пројави мудрост и да ги свика уште еднаш известувачите во сенка, за да се исчистат останатите чувствителни прашања.“, додаде Ивајло Валчев.
Во одбрана на Вајц застанаа дел од социјалистите и либералите.
„Длабоко жалиме за условите и инсинуациите на адреса на колегата Вајц.“, вели Начо Санчес Амор.

„Сакам да ја изразам поддршката за предлогот на известувачот и исто така да ја осудам кампањата на која беше изложен. Тоа е неприфатливо и не треба да се повторува.“, порача Дан Барна.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна повика Извештајот да биде изгласан и за ова зборувал со, како што додаде, европски политичари, додека пак претседателката Гордана Сиљановска Давкова кажа дека ќе се стави под прашање демократскиот капацитет на Европскиот Парламент ако Извештајот на Вајц не биде усвоен.
