Каква ќе биде судбината на Законот за јазиците ќе се знае после локалните избори.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, во гостување во емисијата „Трилинг“, информира дека подготвителната седница е закажана за 19-ти јуни и испрати и порака до граѓаните.

„Да си бидат спокојни и да не бидат подложни на политички манипулации, какви што видовме изминатиов период. Моја проценка е дека конечната одлука ќе биде донесена сигурно после изборите.“, порача Дарко Костадиновски.
Спроед Костадиновски, судот носи единствено одлуки кои го штитат уставот и никој не треба да стравува.
„Еве балансерот го укинавме. Се деси ли нешто страшно?“, вели Дарко Костадиновски.

Реагираа од ДУИ, од каде велат дека изјавите на Костадиновски се опасни и неодговорни. Од партијата обвинија дека со ваквите изјави јавноста се дефокусира од системската дискриминација.
„Уставниот суд веќе не се крие зад неутралноста – тој делува како параполитички продолжеток на актуелната власт. Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите не е случајна, туку дел од добро осмислен план за привремено одржување на нивниот политички проект кај Албанците преку квазипретставници без легитимитет, за потоа да се нападнат сите постигнувања стекнати преку Охридскиот договор.“, велат од ДУИ
Според ДУИ, претстојните избори повеќе не се само политички избори, туку референдум за албанскиот јазик.

Од коалицијата „Вреди“ се согласуваат дека, како што соопштија, следните локални избори нема да бидат обични избори. Од „Вреди“ додаваат дека ДУИ е разочарана зашто им пропаднал планот да го поништат Законот за јазиците и со тоа да ја дестабилизираат државата.
„Две децении, ДУИ правеше работи половично, за пред очи на јавноста, манипулирајќи со албанската кауза за лични и партиски зделки. Следните локални избори веќе не се само избори. Тие се референдум за албанскиот јазик, за еднаквоста на Албанците во оваа држава и за конечно ставање печат на ДУИ како партија Нон Грата и како “организација” на тесни лични интереси!“, вели Вреди
Подготвителна седница за Законот за јазици првично беше закажана кон крајот на март, но потоа се одложи поради трагедијата во Кочани. Судијата Костадиновски кажа дека непотребно се кревала фама за политички и етнички димензии околу одлуките на судот. Според него, државата нема проблем со меѓуетничките односи туку со нивната злоупотреба во политички цели.
