„Охридскиот аеродром со нов рекорд – раст на патничкиот сообраќај од 41% во јули“, велат од ТАВ Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид забележа историски резултати во јули, со најголем број патници и летови во својата историја, велат од ТАВ Македонија.

Во текот на месецот охридскиот аеродром опслужил 52.544 патници, што е раст од 41,21 отсто во однос на јули минатата година. Биле реализирани 443 летови, односно 34,65 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2025 година.

На 26 јули бил поставен дневен рекорд со 2.988 патници, додека на 20 јули биле реализирани рекордни 22 летови во еден ден.

Позитивниот тренд продолжува и на Меѓународниот аеродром Скопје, кој во јули опслужил 408.925 патници, што претставува раст од 29,5 отсто, со 2.670 реализирани летови.

Во периодот јануари–јули, двата македонски аеродроми заедно опслужиле над 2,4 милиони патници, со раст од 28,4 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Според најновиот извештај на Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe), Македонија е лидер меѓу земјите кои не се членки на ЕУ+ според растот на патничкиот сообраќај, со зголемување од 27,9 отсто во првата половина од 2026 година.

Од ТАВ Македонија посочуваат дека растот е резултат на проширувањето на мрежата на авиолинии, подобрувањето на услугите и активностите за привлекување нови авиокомпании, со цел дополнителен развој на туризмот и економијата.