Овие викотници секојдневно се слушаат во Кичево кога кучињата скитници бркаат или напаѓаат деца или возрасни.
Граѓаните велат дека им се смачило од ваквите секојдневни ситуации, па затоа бараат итно решение. Раскажуваат дека стравуваат да се шетаат слободно на улица. Многумина од нив имаат макар по една непријатна случка со кучињата скитници.
Засолниште на овие кучиња, веќе подолго време е новиот објект на општина Кичево.
Градежните активности за изградба на новата општинска зграда веќе започнаа, а кучињата скитници почнаа да се отстрануваат од таму. Од организацијата „Грифон“ за заштита на животни во Кичево, велат дека кучињата почнале да стануваат поагресивни бидејќи биле отстранети насилно од општинската зграда. И тие бараат решение за проблемот, бидејќи жителите ги демне опасност секој ден.
На адреса на ТВ21 секојдневно пристигнуваат поплаки од луѓе кои биле каснати од куче скитник, а исто така и во полициските извештаи секој ден има регистрирано по некој ваков случај во Кичево. Според „Грифон“ само во Кичево има околу 500 кучиња скитници.