Најмалку 798 луѓе во Газа се убиени додека примале хуманитарна помош во изминатите шест недели, соопшти канцеларијата на ОН за човекови права.
Според Скај њуз, портпарол на Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права изјави дека 615 од убиствата – помеѓу 27 мај и 7 јули – се случиле „во близина“ на локации управувани од контроверзниот Хуманитарен фонд за Газа (GHF), поддржан од САД и Израел.
Други 183 лица, според Равина Шамдасани, „веројатно се убиени по рутата на конвоите со помош“.
GHF ги негира сите
Канцеларијата соопшти дека нејзините бројки се собрани од различни извори, вклучувајќи болници, гробишта и семејства во Појасот Газа, како и невладини организации, партнери на терен и здравствени власти управувани од Хамас.
GHF, според Скај њуз, тврди дека оваа информација е „лажна и погрешна“ и постојано негира дека имало какво било насилство на или околу нивните локации.
Организацијата започна со дистрибуција на пакети со храна во Газа кон крајот на мај, откако Израел ја ублажи единаесетнеделната блокада на хуманитарна помош во крајбрежната енклава.
GHF има четири дистрибутивни центри, од кои три се наоѓаат на југот од Појасот Газа. Овие локации се недостапни за независните медиуми, се чувани од приватни компании за обезбедување и се наоѓаат во зони каде што дејствува израелската армија.
