Операциони сали во поранешната Воена болница одреден период останаа неупотребливи по вчерашното невреме. Прокиснал кровот, а за ваквата состојба министерот за здравство Арбен Таравари ќе бара одговорност од раководството на „Осми септември“, каде директор е доктор Христијан Костов.
„Веднаш е интервенирано од компанијата којашто ги одржува салите, прави сервис на салите. Денеска добивам информација дека сме на пат за решавање на тој проблем. Нормално, одговорност ќе има.“, вели Арбен Таравари
Додека салите во „Осми септември“ се поплавуваат од невреме, министерот информира дека на Клиничкиот центар функционираат околу 70 проценти од операционите сали. Кризата со салите на клиниките настана поради проблеми со компресорскиот систем и се третираа само итни пациенти. Таравари неодамна најави дека на денешната прва владина седница ќе се бара решение, но рокот се пролонгира.
„Ќе треба на следната седница, односно првата седница на Влада да разговараме за ова, евентуално да се инсталира комплетно нов систем, да не ризикуваме со животот на пациентите.“, порача Таравари.
„Работиме интензивно и се надевам на идната владина седница ќе имаме предлог како што побргу да се реши проблемот со компресорите во салите на Клиничкиот центар.“, вели Арбен Таравари.
Таравари изјавата ја даде по средбата со американската амбасадорка Анџела Агелер и истакна дека очекува помош од САД за зајакување на јавното здравство во Македонија. Агелер беше негова прва гостинка во Кабинетот откако тој стапи на функцијата. Сепак, гостинката ја изненади присуството на медиумите, а неофицијално и самиот министер бил зачуден од дојдените новинари. Поканата за присуство на медиумите утринава пристигна од Министерството за здравство, а Таравари одговори дека обично ПР-службата е во координација со гостите околу испраќањето на покани, но не може да потврди дали и сега бил таков случајот.
„Не знам точно дали биле усогласени, се надевам дека да.“, вели Арбен Таравари.
Снимање инсерти од Кабинетот на министерот, како што пишува во поканата, сепак не беа дозволени, а пред камерите застана единствено министерот.
