Опозицијата обвинува дека Владата нема план за евроинтеграцијата, додека власта уверува дека работи на изнаоѓање на решение. По СДСМ и ДУИ критикува дека сме далеку од европската перспектива.
„Иако најавен како приоритет број еден, процесот на интеграција во ЕУ е целосно блокиран, без никаков план или било каква предвидлива перспектива за негово одблокирање. Нашите граѓани немо гледаат како Албанија, Црна Гора, но веќе и другите земји од истокот фаќаат чекор со новата европска реалност“, велат од ДУИ.

Откако претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта во Скопје кажал дека е неприфатлив предлогот за уставни измени со одложена примена, министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека тоа не е единствениот предлог.
„Нашето инсистирање не е на еден конкретен предлог, туку на начин да стигнеме до нашето инсистирање да нема билатерализација понатаму. И на состанокот и на прес-конференцијата, премиерот Мицкоски истакна дека е спремен за разговори, меѓутоа за да се случат тие разговори неопходно е прво да и веруваме на Европската Унија и второ е да почнеме да градиме меѓусебна доверба со Бугарите“, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашања.

Додека блокадата кон ЕУ продолжува поради политичкиот услов, властите тврдат дека засилено работат на реформската агенда усогласена со Брисел. Заменикот евроамбасадор ги повика сите засегнати будно да ги набљудуваат реформите.
„Да се осигура дека реформите се спроведуваат на терен и во право време, да се осигура дека инвестициите се насочени каде што се најпотребни“, изјави Бен Нупнау – заменик амбасадор на ЕУ.
Македонија веќе започна да добива пари од Планот за раст. Дел од нив ќе бидат директна буџетска поддршка, а други ќе се потрошат за 19 инвестициски проекти, но засега не се открива за кои. Од она што е извесно, од предвидени 16 нови закони за рокот до јуни, земјата ќе доцни со реформите во Изборниот законик и со Законот за судски совет.
