Граѓаните кои патуваат од или кон Косово, ја користат старата магистрала „Хасан Приштина“ бидејќи истата сè уште не почна со рехабилитација и проширување. Минатата година, по една акција на Инспекторатот за урбанизам, беа констатирани голем број на узурпирани имоти и нелегални објекти кои требаше да бидат отстранети.
Со оглед на тоа дека овој магистрален пат се наоѓа во општина Бутел, таа работа требаше да ја заврши општинскиот инспекторат. Во тоа време, општината даде краток рок на тие кои ги узурпирале имотите да ги ослободат просториите, но тоа го направи само еден од нив. Другите, требаше да ги отстрани општинскиот инспекторат, а трошоците да ги сносат сопствениците. Но, од тогаш помина точно една година, а состојбата е иста. Го прашавме градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, зошто не преземале ништо.
Покрај узурпираните државни имоти, во проектот за проширување се вклучени и приватни имоти кои имаат уредни документи, но мора да се отстранат бидејќи се работи за проект од посебно значење и државата мора да исплати надомест.
Доколку се приватни имоти тогаш ќе им се надомести. Тоа оди преку суд. Но тоа не значи дека не можеме да ги тргнеме, треба да ги тргнат што поскоро, вели Фатмир Арифи, екс директор на ДИГУ.
Уредувањето на оваа магистрала со нетрпение го чекаат и бизнисите кои гравитираат во индустриската зона Визбегово, со оглед на тоа дека нивниот годишен промет надминува 800 милиони евра. Во август минатата година, по средбата на тогашниот министер за економија Крешник Бектеши и претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Менди Ќира, беше ветен нов закон за индустриските зони, со цел подобрување на патната инфраструктура.
Магистралата „Хасан Приштина“ неодамна беше тема на разговор меѓу Владата и Град Скопје, но и албанската опозиција, Европскиот фронт. Тие најавија дека доделениот буџет од 8 милиони евра за оваа магистрала ќе биде пренаменет за јавните претпријатија на Град Скопје. Ова го потврдија и од Град Скопје, но владини претставници тоа го негираат, уверувајќи дека патот ќе се гради.
