Османи: ЕУ направи грешка што не почна преговори – опозицијата бара одговорност од власта за непочнувањето преговори

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бугарската блокада за почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија се наметна како тема на денешниот отчет на шефот на дипломатијата Османи пред собраниската Комисија за надворешни работи. Претседателот на Комисијата Антонио Милошоски бараше одговорност за тоа што и покрај најавите на власта Македонија не ги почна преговорите со Европската унија.

„Изјавата на бугарскиот европратеник и поранешен ваш колега министер за надворешни работи господинот Ивајло Калфин кој што на 9 декември за нивната национална телевизија даде изјава дека бугарската блокада, цитирам, им одговара на неколку други земји членки кои не сакаат проширувањето на ЕУ да продолжи а Бугарија ја користат како изговор. Дали вие сте забележале дискретно или отворено да постојат една, два или три други такви земји членки“, истакна Антонио Милошоски. 

Министерот Османи рече дека одложувањето на почетокот на преговорите беше грешка на самата Европска унија. Истакна дека и покрај непочнувањето на преговорите со ЕУ, оваа година за Македонија била најуспешна на надворешно-политички план.

„Ние мора како општество да навикнеме на фактот дека процесот на европската интеграција е обременет со многу пречки и потреби за консензус. Одлуките за проширување во Советот се носат со консензус. Мора 27 земји членки да кажат „да“ за било која одлука во тие фамозни 130 чекори“, вели Бујар Османи.

Реферирањето на Османи е практично прв пат министерот од областа на надворешните работи или евроинтеграции да се појави пред пратениците за да одговара за блокирањето на евроинтеграциските процеси. Претходно на истата Комисија за надворешни работи беше повикан и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров кој не се појави на седницата, по што опозицијата му поднесе предлог за интерпелација.