Отфрлен законот за амнестија – гласаа против и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Лога најави дека пак ќе го поднесе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието не ја изгласа потребата од носење на Законот за амнестија за која против гласаа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сепак останува прашањето и дали отфрлањето на законот ќе ги помати односите во владината коалиција и дали ваквиот став на мнозинството е затоа што тој не ги поддржа измените на Кривичниот законик. Но Лога вели дека не станува збор за владина криза, бидејќи, како што рече, отфрлен е начинот на донесување со скратена постапка и најави дека повторно ќе го предложи овој закон, но по редовна постапка.

„Нема никаква криза, за што кажав и на почетокот дека денеска Македонија е понеправедна држава од вчера и продолжуваме понатаму. Значи денеска не се прифати предлогот за да биде по скратена постапка, така што јас пак ќе ја повторам постапката по редовна постапка. Има 2.100 осуденици во затвор кои имаат лежено повеќе од две третини и исто така има 2.800 осуденици на улица со упатен акт“, вели Кренар Лога.

Пред почетокот на седницата Лога им подели на пратениците и медиумите материјали за состојбата по затворите и со бројот на затвореници. Тој не одговори дали со ова е опфатен и случајот Монструм, но во образложението пред пратениците рече дека целта е да се растеретат затворите. 

„Основната цел е алармантната состојба во затворите како со условите така и со голем број затвореници. Овие препораки и констатации се дадени многу релевантни институции кои што напоменуваат во своите извештаи и ова е основната цел зошто иницирав и подготвував закон за амнестија кој што ќе ги ослободи преголемиот број на луѓе“, додаде Кренар Лога.

Иако законот за амнестија предложен од министерот Лога помина на владина седница, од СДСМ само кусо брифираа дека нема да го поддржат, бидејќи како што образложија оправдувањето на Лога дека со законот ќе се растеретат затворите е неиздржано. Законот не доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата Христијан Мицкоски потсети дека тие најавија дека ќе го блокираат уште кога помина на владина седница.

„Спасовски, Ковачевски, Маричиќ, Бисера, одбрана Славјанка и останатите од СДСМ, имаше и Славица една Грковска, тие го гласале на владина седница, а пратениците на СДСМ сега велат ние нема да го гласаме. Можеби треба прашањето да биде упатено кон Ковачевски да не има некакво недоразбирање помеѓу пратениците и раководството на СДСМ кога станува збор за гласањето на овој закон. ВМРО-ДПМНЕ имаше јасен и прецизен став“, вели Христијан Мицкоски.

Предлог законот за амнестија предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворени касни до 6 месеци, а осудениците со казни од 6 месеци да се ослободат од издржување една третина од целокупната казна.