Откако не искараа, корупцијата главна тема – Грковска: Немаме време за губење, граѓаните нема да ни простат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако претходно справувањето со корупцијата се спомнуваше само по некаков повод, деновиве, по изјавата на новата американска амбасадорка Ангела Агелер но и пристигнувањето на американскиот тим за санкции од Вашингтон, темата за борба со корупцијата стана главна точка за дебата на сите нивоа. И вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска во одбележување на 9 декември денот за борба против корупцијата одржа состанок со институциите надлежни за справување со ова зло. Немаме веќе време за губење, немаме веќе време за изговори, потребен е суштински прогрес, рече таа. 

„Граѓаните веќе нема да ни го простат понатамошното негативно оценување на состојбата во сферата на корупцијата. Нас ни се потребни суштински промени ако сакаме да ги втемелиме вредностите на Европската унија. Веќе нема да бидам политички коректна. Мислам дека времето кога бевме политички коректни веќе одамна заврши заради тоа што сметам дека особено имајќи ги предвид случувањата во правосудството“, вели Славица Грковска.

Борбата против корупцијата е една од главните точки на кои се фокусира Европската унија во текот на преговарачкиот процес, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

„Во секое поглавје и во секоја област се бара да дадеме одговор која е нашата антикорупциска политика во таа конкретна област. Имаме тука, листа од Извештајот каде што за секоја област има конкретни препораки и конкретни наоди. Сега борбата против корупција се следи и вертикално и хоризонтално, тоа е резултат на новата методологија која што ги заострува критериумите во процесот на евроинтеграција“, порала Бојан Маричиќ.

Порака испрати и евроамбасадорот Дејвид Гир кој рече дека земјата сега е крстопат дали ќе се справи со корупцијата, затоа што како што истакна таа е сеприсутна во институциите.

„Дали работите може да се променат? Категорично – Да. Оваа земја е на крстопат, мора да избере дали ќе се движи одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупцијата да се вкоренуваат уште повеќе. Имате сеопфатна стратегија за борба против корупцијата со јасни и прецизни задачи и мандати за секоја институција присутна со претставник во просторијава. Искористете го тоа“, вели Дејвид Гир.

Македонија во последниот Индекс на перцепција за корупцијата за 2021 година на Транспаренси интернешнел  е рангирана на 87- место, што е подобрување во однос на претходната 2020 кога бевме на 111 место.