„ССМ нема да потклекне пред никој, а и работниците пред еден ден покажаа дека не му се плашат на никој…“, рече Слободан Трендафилов.
Оваа порака ја испрати Слободан Трендафилов , првиот човек на ССМ, по протестот организиран за минималец од 600 евра. Како што тој тврди, покрај заканите и уцените до работниците, огромен број од нив излегоа на улица поради мизерните плати. Трендафилов вели дека и по протестот притисоците продолжуваат, особено посочувајќи ја Македонска пошта, чии вработени пред неколку дена протестираа поради доцнење на плати.
Ја прозва Конфедерацијата на слободни синдикати, премиерот, но и други функционери кои се обиделе да го минираат протестот.
„Како тоа оваа Влада и претставникот на владата, сакаат да им дадат на работниците 40 проценти зголемување на платите, ама Синдикатот не сакал, па они затоа не дале, па работниците затоа не добиле…Па, сега им текна после една година, а им протестираме, им текна после големиот протест кој ги исплаши, да лицитираат со зголемување на платите на работниците, да кажуваат суми…“, вели Слободан Трендафилов.
Но, за владејачката партија протестот и барањата на ССМ се политички мотивирани. Трендафилов, Пешевски и Деаноски, ги нарекоа синдикалци на батерии.
„Бараат зголемување од 6.000 денари, добиваат 10.000 за две години и одбиваат – вака ССМ работи по насока на СДС. Протестите на ССМ, поддржани од СДС и Левица, покажаа дека не се поддржани од работниците, кои веќе се свесни дека некој од врвот на ССМ јасно ги искористува. Синдикалците на батерии како Слободан Трендафилов, Иван Пешевски и Трпе Деаноски, кои земаат по над 80.000 денари плата од работниците и дополнителни додатоци во висина над милион денари во само една година, добиени од џебот на работниците, не го прифаќаат новиот колективен договор со кој минималната плата на административните службеници ќе се искачи до 600 евра за само две години од денес“, вели Валентин Манасиевски.
Инаку, ССМ во средата организираше протест со барање за минималец од 600 евра. Од ВМРО-ДПМНЕ, но и од премиерот Мицкоски овој протест беше окарактеризиран како политички мотивиран. Мицкоски на собраниска говорница во четвртокот порача дека минималната плата ќе се зголеми, но само според законските правила. Воедно додаде дека Владата е подготвена да поддржи и да примени секој договор за повисоки плати што ќе биде постигнат меѓу работниците и работодавачите.
