Оваа наша соседна земја има највисоки трошоци за домување во Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Домувањето вклучувајќи ги и сметките за комунални услуги, претставува најголем трошок за жителите на Европската унија, а неговиот удел во вкупните расходи на домаќинствата значително се зголеми во последните две децении.

Денес, просечното европско домаќинство издвојува една петтина од расположливиот приход за кирија, заеми, сметки и други режиски трошоци.

Според податоците на Еуростат, трошоците за домување ги вклучуваат месечните трошоци поврзани со користењето на домувањето, како што се сметките за вода, струја, гас и парно. Сопствениците на имот во оваа категорија ги вклучуваат каматите за станбени кредити, додека станарите плаќаат месечна кирија. Тука се и трошоците за осигурување, даноци на имот, задолжителни комунални такси, редовно одржување и поправки.

Во просек, во 2023 година, жителите на ЕУ потрошиле 19,7% од расположливиот приход за домување, но овој процент значително варира од земја до земја. Најмалку е издвоено во Кипар (11,6%), додека во Грција дури 35,2% од приходите отпаѓаат на трошоците за домување, што ја издвојува оваа земја како посебен случај.

Грчките економисти објаснуваат дека финансиската криза во периодот од 2009 до 2014 година доведе до драстично намалување на приходите на домаќинствата, а во исто време се зголеми и странскиот интерес за недвижности, што значително ги зголеми цените. Дополнително, стагнацијата во градежниот сектор ја намали понудата на нови станови, што дополнително ја влоши ситуацијата, пишува Euronews.

Освен Грција, меѓу земјите со највисоки трошоци за домување се и Данска (25,9%), Германија (25,2%), Норвешка (25%) и Швајцарија (25,2%).