Пендаровски повика на консензус на партиите – Собранието има централна улога за европското законодавство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Забелешката на Европската комисија околу тоа како функционира Собранието, односно големата поларизација и блокада, се наметнува како клучна тема во натамошната преговори на Македонија за членство во Европската унија. Претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека успешноста во преговорите нема да биде цел само на една политичка гарнитура туку дека тоа е национален проект. 

„Сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, Владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор, медиумите. Европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура. Тоа е национален проект што сите релевантни политички партии го поддржуваат од почетокот на македонската независност до денешен ден. Затоа апелирам до сите политички фактори како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање“, вели Стево Пендаровски.

И шефот на македонската дипломатија Бујар Османи ја повика власта и опозицијата да соработуваат. Мора да постигнеме консензус ако сакаме членство во Европската унија, рече тој.

„За жал Комисијата констатира дека Собранието не е на ниво на задачата токму поради поларизацијата и поради обидот за блокирање на Собранието. По однос на законите кои што се поврзани со Европската унија мора да седнеме и да постигнеме договор кој што ќе ги надмине рамките на еден мандат. Договор помеѓу политичките субјекти, државен договор помеѓу политичките партии дека за оваа тема независно кој е утре на власт, независно кој е денеска во опозиција имаме еден ист став“, посочи Бујар Османи.

И додека од власта велат дека Извештајот на Европската комисија покажува дека има напредок во државата, од опозицијата со оценка дека тој ја покажува негрижата на Владата за спроведување реформи, а за оценката за Собранието вината ја префрлија кон власта.

„Извештајот го забележува повеќемесечното незакажување седници за пратенички прашања во Собранието, што покажува евидентен страв од дебата во Собранието, од надзор, од дискусија без навреди и клевети. Извештајот ги забележува и законите со лажно европско знаменце со кои се сака да се протуркаат измени кои одговараат на власта на ДУИ и СДСМ, во 81 таков случај“, додаде Стефан Андоновски.

Во Извештајот на Европската комисија како една од забелешките се наведува и нефункционалноста на Собранието кое е блокирано во носење на важни закони.