Вардар со убедлив пораз од 5-0 на гостувањето во швајцарска Лозана, ги заврши овогодинешните настапи во Лигата на Конференции на УЕФА. Иако на ова гостување замина со предност од 2-1 по првиот меч во Скопје, сепак, вардаровата екипа немаше никакви шанси против расположениот тим од Швајцарија, кој успеа да даде пет голови, а да ја сочува мрежата во клучните мигови, и така да му го нанесе еден од најубедливите порази на Вардар во Европа.
Вардар на ова тешко гостување се држеше само 16. минути Се чинеше дека Лозана како да чека грешка на избраниците на Гоце Седлоски, и кога ја дочека, максимално ја искористи. Токму во таа 16. минута по една нафрлена топка со глава Дусене го совлада Талески. Но, Вардар веднаш имаше шанса да се врати, преку Мато кој не успеа да го совлада одличниот Летица. И тука како да почна тонењето на вардаровиот тим.
Казната стигна веднаш на другата страна, по една одлична акција Сене во 33. минута зголеми на 2-0. И тоа беше некако поднослив резултат, но во финишот на првиот дел нов шок за „црвено-црните“. Повторно Сене, и повторно по една одлична акција и грешка во одбраната на гостите, за 3-0.
На Вардар му требаше брз гол во вториот дел да ја врати надежта. Наместо тоа се случи гол во мрежата на Талески за 4-0. Повторно грешка на несигурната одбрана, и Ајдини се чини го трасира патот на Лозана во следната фаза во 55. минута.
Момците на Гоце Седлоски ниту имаа сила, ниту можности да се спротивстават, па како да го чекаа крајот, а резрвните играчи на Лозана сакаа да се докажат, па така се случи и петти гол и уште поубедлива предност за Лозана. Траоре, кој влезе во вториот дел ја користи новата грешка на одбраната по една долга топка, избегна офсајд замка и погоди во голот.
Вардар имаше шанси и во вториот дел да постигне барем почесен гол, но обидите на Донгмо и на Кастењеда не завршија на вистинското место, па така не успеаја барем да го ублажат овој висок пораз.
