Со падот на температурите скопјани веднаш почнаа да дишат енормно загаден воздух. Штетните ПМ10 честички во воздухот неколку денови по ред се од три до пет пати поголеми од дозволеното ниво. Скопје како во минатите години во зимскиот период и деновиве се најде во петте најзагадени градови во светот.
„Секоја година иста песна. Се гушиме од енормно загадениот воздух. Умираме од енормно загаден воздух. Планот за чист воздух до каде е? Сите молчат, требаше да имаме до 50% помало загадување во Скопје. Одговорни? Никој“, посочуваат од О2 иницијативата. .
Градоначалникот на Град Скопје вели дека работат на намалување на загаденоста на воздухот. Вели дека инспектори секоја вечер се на терен и вршат сериозен мониторинг со термални дронови со цел определени индустриски капацитети да не ја злоупотребат малата видливост заради маглата, и да испуштаат недозволени гласови.
„Ние работиме во коренот на решавање проблемот. Неколку пати соопштувам на јавноста главните компоненти се три. Едната е овој инспекциски надзор кој што верувам ќе се согласите сите, Инспекторатот на Град Скопје е една од најактивните институции од тој вид и карактер во државата“, вели Петре Шилегов.
За намалување на загаденоста се работи и на дестимулирање на граѓаните да го користат автомобилскиот сообараќај. Но исто така ќе бидат понудени социјални пакети за граѓаните да бидат дел од централното греење, со што ќе се намали емисијата на штетните гасови од затоплувањето на домовите.
