По 16 години Виктор Орбан падна од власт – про НАТО и ЕУ кандидатот Петер Маѓар победи на изборите во Унгарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само пред неколку години, Петер Маѓар му аплаудираше на говорот на Орбан од првиот ред, пред да се појави како најсериозен предизвикувач на националистичкиот лидер во неговото 16-годишно владеење. Вчера, тој му стави крај на владеењето на Орбан на избори со рекордно висока излезност. Партијата на Маѓар, „Тиса“— чие име е акроним од зборовите за почит и слобода освои двотретинско мнозинство во 199-члениот унгарски Парламент.

Откако беа познати прелиминарните резултати, на улиците на Будимпешта прослава.

Десетици илјади унгарски гласачи излегоа да го прослават симнувањето од власт на долгогодишниот премиер Виктор Орбан, отфрлајќи ги авторитарните политики и глобалното крајнодесничарско движење што тој го претставуваше, во корист на проевропски противкандидат — во шокантен изборен резултат со глобални последици.

„Погледнете наоколу. Сите луѓе тука се многу среќни. Ова не сме го почувствувале 16 години, од 2010 наваму. Всушност, имаше големо олеснување за целата земја. И како некакво искупување. Оваа земја всушност бараше помош многу, многу години. Немаше никој што можеше да нè обедини, но имаше еден човек (Маѓар) кој застана за целиот народ, кој веруваше во нешто поинакво.“, рече Роберт Немет.

Во говор пред десетици илјади поддржувачи на прославата по повод победата покрај реката Дунав, Петер Маѓар изјави дека неговите гласачи ја испишале унгарската историја.

„Победивме не со мала, туку со голема — многу, многу голема разлика. Заедно го променивме режимот на Орбан, заедно ја ослободивме Унгарија, ја вративме нашата татковина“, рече Маѓар.

Ова е тежок удар за Орбан — близок сојузник и на американскиот претседател Доналд Трамп и на рускиот претседател Владимир Путин — кој брзо го призна поразот по, како што рече, „болниот“ изборен резултат.

„Драги пријатели! Конечниот исход од изборите е јасен, резултатот за нас е болен. Но јасно е дека улогата да владееме не ни беше доверена. Му честитав на победничката партија. Вам ви благодарам за целиот вложен труд. Никогаш не сме работеле толку напорно и со толку многу луѓе како сега. Тоа се гледа бидејќи освоивме 2,5 милиони гласачи — 2,5 милиони луѓе ни укажаа доверба овој ден“, изјави Орбан.

Петер Маѓар, поранешен лојалист на Орбан кој водеше кампања против корупцијата и за секојдневни прашања како здравството и јавниот превоз, вети дека ќе ги обнови односите на Унгарија со Европската Унија и НАТО — врски што се нарушија за време на владеењето на Орбан.
Европските лидери брзо му честитаа на Маѓар. Неговата победа се очекува да ги промени политичките динамики во рамките на ЕУ, каде што Орбан често го блокираше функционирањето на блокот со ставање вето на клучни одлуки, предизвикувајќи загриженост дека се обидува да го ослабне одвнатре.