По долгата средба со Мицкоски – Кошта: Нема простор да се бара нешто за договарање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

После едноиполчасовна средба претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека тој може да смета на Брисел за да се олесни продолжувањето напред по евроинтегративниот пат. Сепак, промена во ставовите кај страните нема. Кошта побара да се исполни францускиот предлог, а беше прашан и дали може Унијата да даде гаранции дека во иднина нема да има нови пречки по патот.

„Кога прашавте какви гаранции можеме да имаме… јасно е дека тоа што е договорено е договорено. Немаме за што повеќе да се договараме и сега треба да испорачаме за она што е договрено и нема повеќе простор да се бара нешто повеќе за договарање“, изјави Антонио Кошта, претседател на Совет а ЕУ.

Од друга страна, Мицкоски побара добра волја и испорачување и од бугарска страна.

„Јас сум подготвен во било кое време, таа подготвеност му ја пренесов на претседателот Кошта, да дојдам во Брисел, дали во негово присуство, во присуство на претседателката Фон дер Лајен, во било кое присуство да седнеме и да разговараме, било кога и било колку да треба за да дојдеме до заедничко решение како и двете страни да испорачаат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Кошта нагласи дека ги разбира отстапките што Македонија ги направила по патот кон ЕУ, но додаде дека со посветеност може да се надминат пречките. Мицкоски пак, најави уште поголема посветеност во следниот период.

„Што е договорено е договорено. Сега треба да испорачаме за тоа. Точка. Не ни треба план Б, треба само да испорачаме за план А“, изјави Антонио Кошта, претседател на Совет а ЕУ.

„Пораката којашто ја кажа претседателот Кошта е порака којашто ние ја слушаме долго време и претпоставувам ќе ја слушаме, доколку немаме прогрес“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека во вакви услови тој не е подготвен за наредниот чекор. Инаку, Кошта ја поздрави земјата за реформската агенда и позицијата за војната во Украина, по што од Скопје ја продолжува балканската турнеја во Тирана.