Од 8-катната бела палата на ВМРО-ДПМНЕ, на партијата ќе и останат само фотографиите, мебелот и земјиштето,бидејќи објектот ќе биде конфискуван. Ова е вчерашната одлука на Кривичен суд за случајот “Талир2“. Во палатата сакаат да се сместат студентите. Универзитетското студентско собрание при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ бараат конфискуваниот објект да стане студентски дом.
-На студентите им припаѓа луксузот во кој политичарите до сега незаслужено уживаа! Ова е шансата сите заложби дека на младите е иднината и дека државата се грижи за нас да се докажат како реалност! Ова е шанса да се исправи погрешното трошење на парите. Не ни требаат вашите кристални лустери и позлатени слики, ни требаат тоалети со врата која се затвора, тавани без мувла и ѕидови со изолација, велат од студентското собрание при Св. Кирил и Методиј.
Освен белата палата, на ВМРО-ДПМНЕ ќе и бидат конфискувани и 30 други седишта на партијата кои се стекнати илегално. Пресудата за случајот Талир 2, ВМРО-ДПМНЕ ја нарече нарачана од СДСМ.
„Одлуката за Талир е дефокус од животот во национална катастрофа, поскапувањето и грабеж кој му се прави на народот. Обвинителството и судот се продолжена рака на СДСМ. Пресудата за случајот Талир 2 е предвреме напишана“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека СДСМ е единствена партија во светот која има партиско седиште во заградата на поранешното министерство за образование. Од другиот блок, СДСМ одлуката на Кривичен ја нарече корекција на неправдата направена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во предметот Талир 2, освен конфискување на имот, за злоупотреба на должност, на 6 години затвор е осуден екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,Никола Груевски, додека екс генералниот секретар на партијата, Кирил Божиновски доби 2 години условна казна.
