Необична временска појава денеска е забележана на Шар Планина. На 24 јули, на највисоките делови над Попова Шапка падна снег, што претставува ретка глетка за овој период од годината.
Информацијата ја сподели метеорологот Славчо Попоски на социјалните мрежи, истакнувајќи дека неговите прогнози за оваа појава се оствариле.
„Верувале или не: Денес, на 24 јули, на Шар Планина, над Попова Шапка, врне снег. Моите прогнози се остварија“, напиша Попоски.
Ваквите временски услови се невообичаени за крајот на јули, но метеоролозите посочуваат дека снег може да се појави на највисоките планински врвови кога во регионот ќе продрат постудени воздушни маси, што предизвикува значителен пад на температурите.
Необичната појава привлече внимание кај граѓаните и посетителите на планината, кои на социјалните мрежи споделуваат фотографии и видеа од побелените предели на Шар Планина.
