Помина цела година откако се укина балансерот, а најавуваниот Закон за правична застапеност сè уште го нема – ова се обвинувањата од „Европски фронт“ на адреса на власта на седницата за пратенички прашања.
Пратеникот Илир Хасани побара одговор кои лица и експерти работеле на текстот на предлог-законот и обвини за „деалбанизација“ на институциите.

„Една година поминува правејќи го тој закон. И? Тука кажувате дека ќе го направите подобар од Законот за употреба на јазиците и тоа ќе го носите во Венеција, малку да шета на вода, не знам кога ќе се врати од Венеција.“, порача Илир Хасани.
Одговор пристигна од вицепремиерот Арбен Фетаи. Според него, предлог за укинување на балансерот имало уште од периодот на владеењето на ДУИ, додавајќи дека темата се користи за дестабилизација.

„Како во однос на јазикот, децентрализацијата и другите работи коишто се суштината на Охридскиот договор, вие направивте импровизации. Не уредивте со закон ниту едно прашање, бидејќи бевте зафатени со тендери, малверзации и корупција. Сега сакам да ве прашам дали сте вие тие коишто Академијата за науки ја оставивте со нула Албанци?“, вели Арбен Фетаи.
„ДУИ не е виновно за последнава година. За се што се случува не е виновна смао ДУИ. Дури одите и дотаму да велите дека ДУИ презема активности за дестабилизација во однос на невработување на Албанците, што е апсурдно и никој не може да го прифати.“, вели Илир Хасани.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски истакна дека предлог-законот за соодветна и правична застапеност најпрво ќе помине во Влада, по што ќе биде испратен до Венецијанската комисија за мислење, а дури потоа ќе влезе во собраниска процедура. За ваквиот потег реагираа од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, од каде велат дека од Венецијанската комисија може да се чека мислење во неприфатлив временски период.
„Овој пристап е спротивен на горчливото искуство што земјата го имаше со Законот за јазиците. Тој закон беше испратен до Венецијанската комисија на 22 јануари 2019 година, а пријателското мислење беше добиено дури на 4 мај 2025 година – цели шест години чекање“, велат од АА.
Биљал Касами од коалицијата Вреди истакна дека процедурата е резултат на политички договор во власта, со цел да се избегнат предизвиците како со Законот за јазиците, кој беше оспорен врз основа на мислење од Венецијанската комисија.
