Се зголемија цените на горивата. Бензините за 2,5 денари за литар, дизелот за два. Со ова, од полноќ цената на бензинот БС – 95 ќе биде 85 денари за литар, 98 – цата ќе чини 87 денари, а литар дизел 93,5 денари. Но, на бензинските, поради попустот на ОКТА, бензините ќе се продаваат за два денари помалку, а дизелот за три денара.

Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека не се планирани нови мерки за намалување на цените на горивата и на сила останува одлуката за ДДВ од 10% за бензинот, а 18 за дизелот, како и намалената акциза од два денари за бензините и за четири денари за дизелот.
Инаку, Владата и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), се сомневаат дека попустот од два денари за литар бензин и три денари за литар дизел што го дава ОКТА, се злоупотребува. Според Мицкоски, постојат индиции дека компании со лиценца за трговија на големо со овие деривати, го користат попустот за реекспорт во странство. Според премиерот, во моментов се прават проверки дали навистина има злоупотреба.
Мицкоски: Се разбира, во зависност од тие проверки, така и како Влада ќе реагираме. Инаку проверките сè уште течат.
Прашање: А за колку компании имате индиција дека извезуваат?
Мицкоски: За најмалку една.
Според Државниот пазарен инспекторат, со неколку тима, до петок ќе се извршат контроли кај сите 10 компании со лиценца за трговија на големо со бензин и дизел. Инспекторатот ќе утврдува дали има прекршување, односно нефер трговска практика и непочитување на Законот за заштита на потрошувачите од страна на некоја од компаниите. За таа цел, од Царинската управа се побарани сите податоци и документација за увоз и извоз на овие две горива во државата. Инаку, што е спорно ако се врши реекспорт на гориво со ваков попуст?
Прво, попустот што го дава ОКТА е наменет за домашниот пазар, односно за македонските граѓани и компании кои треба да го почувствуваат директниот бенефит.
Доколку горивото се извезува со попуст, компаниите на странските пазари остваруваат дополнителен профит, што може да создаде нелојална конкуренција и тоа кон самата ОКТА. Ова може да предизвика да се укине попустот и да трпат македонските граѓани и компании. Се прави штета и на државата бидејќи наместо странските граѓани да доаѓаат и да точат гориво во Македонија, со што би се плаќале акцизи и ДДВ во државава, малку поевтиното гориво би го купувале во своите земји со што буџетот на Македонија би ги изгубил тие приходи.
