Поскапувањето наспроти намалувањето на цените – колку ќе влијае намалувањето од 5-12% на основните производи?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трошоците на животот на граѓаните во текот на месец октомври годинава во однос на октомври лани се зголемени за 19,8%, покажуваат податоците на Заводот за статистика, а цените на прехранбените производи на мало се зголемени за 15,4%. Но, Министерството за економија од декември очекува намалување на цената на млекото, лебот и месото од 5 до 12%, но очигледно ова намалување е незначително наспроти реалната инфлација.

Според пресметките на производителите на леб, намалувањето на цената ќе биде приближно 4-5 денари. Универзитетскиот професор Бујамин Бела вели дека при секое поскапување на производите се пресметува и делот од електричната енергија што се користи или во транспортот, производството и други производствени аспекти, но, според него, не секој трошок на фирмите треба да му се наплаќаат на граѓанинот.

„Не секогаш компаниите треба да ја наплатуваат сметката или вкупните трошоци на крајниот потрошувач, со оглед на тоа дека се работи за општа криза, тоа некако треба да се направи на одреден начин или од државата, или од фирмите,  или од страна на потрошувачот, треба правична распределба на овие трошоци за да не се преоптоварување бидејќи гледаме дека има драстичен пораст, особено за семејствата со ниски примања, кои не се малку на број кај нас“, вели Бујамин Бела.

Според него, намалување би се забележало доколку се засили контролата на сите државни институции врз производителите на основните производи.

„Во овој случај, доколку е под контрола и притисок на државните институции и механизми, верувам дека ќе има намалување на цените на основните производи кои ги има во супермаркетите и низ продажните места во државава. Верувам дека ако се примени тоа што споменав претходно, верувам дека ќе се почувствува директно,  а колку ќе го почувствува крајниот потрошувач ова намалување, тоа е друга дебата“, вели Бујамин Бела.

За 1 година лебот поскапе за 100%, па ако лани лебот се продаваше по 24 денари, сега на рафтовите се продава од 50-60 денари. Зголемување за околу 90% има и кај млекото. Слично е и со другите основни прехранбени производи, како што се месото, брашното, маслото, шеќерот, оризот и други производи.

Според податоците на Заводот за статистика, за 51 илјада денари или за околу 800 евра е зголемена и потрошувачката кошница на едно четиричлено семејство, што значи дека едно семејство би требало да зема три минимални плати од 18 илјади денари.