Откако земјава протера пет руски дипломати, министерот за надворешни работи Бујар Османи не потврдува директно дали тие се поврзани со она што бугарските власти го кажуваат дека се спроведуваат активности за спречување на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија.
„Оваа констатација е точна дека имало континуирано обиди Западен Балкан да не се движи со соодветна динамика кон ЕУ и тоа преку прокси играчи, дали во регионот, дали во нашите држави, не исклучувам дека и во нашата земја има и ќе има се повеќе. Како што реков минатата недела, колку повеќе ќе се зголемат изгледите за изнаоѓање на решение за забрзување на европскиот пат, толку повеќе ќе се најдат вознемирени луѓето кои што цело време работеа за оваа перспектива да не се случи“, истакна Бујар Османи.
Османи открива и лица кои се обидувале да го задржат отворено прашањето со Бугарија, закочувајќи го процесот за европска интеграција, за да како што вели тој регионот биде платформа за остварување на свои цели.
„Оваа недела од Северна Македонија се јавувале во Република Бугарија кажувајќи дека непотребен е целиот овој ангажман затоа што овде ќе се оди брзо на избори, дека ќе има предвремени избори, дека нема да може да се постигне одредено решение. И луѓе во институции кои јас сметам дека се на иста линија со овие што ги коментира Петков“, вели Бујар Османи.
Во однос на Комисијата за историски и образовни прашање Османи вели дека има напредок, но во моментов се на точка како веќе договорените историски личности од 2019 година да се вметнат во учебниците.
„Во моментов се зборува дали тие текстови и содржини ќе се препорачаат на училиштата за учебниците. Значи тоа е тој процес на формално усогласување како ќе се препорачаат веќе договорените содржини за чествување. Дали ќе се препорачаат истите за учебниците или тоа ќе бидат поинакви формулации во учебниците“, додаде Бујар Османи.
Османи открива дека со Бугарија во моментов се договара во кој период да бидат внесени Бугарите во Уставот, но дециден е дека тоа нема да се случи пред почетокот на преговорите со ЕУ. Во наредните денови ќе следува и состанок во Брисел меѓу министрите за надворешни работи на двете земји.
